Одбојкарската репрезентација на Македонија попладнево во Струмица го игра третиот натпревар од Европската лига, а противник и е селекцијата на Данска.
На претходните два дуела, Македонија постигна две победи на гости против Австрија, додека Данска ги загуби двата натпревара на домашен терен од Словенија. Во Б групата покрај овие селекции игра уште и Турција.
Во пресрет на денешниот дуел капитенот на македонската репрезентација Никола Ѓорѓиев истакна дека ќе атакуваат на уште две победи.
– Со двете победи над Австрија го постигнавме планираното, а и покрај сите проблеми ќе атакуваме на уште две победи и со 12 бода да ги дочекаме натпреварите со Турција во Скопје (21 и 22.јуни). Репрезентацијата на Данска за разлика од првите два натпревара ќе настапи во посилен состав, но за нас се важни само победите, рече Ѓорѓиев.
Македонија и Данска и утре во истиот термин (15 часот) во Струмица ќе одиграат уште еден натпревар.
Репрезентациите на Македонија и на Словенија имаат по 6 бодови по воведните натпревари во Б групата од Европската лига.