Деведесет уметници ќе се претстават на првиот саем за современа уметност „Партисима Скопје“, што ќе се одржува од денеска во Младинскиот културен центар.
Саемот е во организација на граѓанското здружение за промоција и поддршка на културата „Континео 2020“ во соработка со партнерската организација YLDA (Youn People for Local Development Association) од Торино, Италија.
Покрај уметнички поставки, програмата опфаќа и музички концерти со настапи на музичари од Италија и Македонија, дизајн и накит, проекции, работилници, презентации, уметнички перформанси и други содржини. На Паратисима Скопје ќе се претстават автори од Италија, Франција, Грција, Црна Гора и други држави.
По отворањето, изложбената поставка ќе биде отворена за јавност од 10 до 22 часот во сабота и недела.
Најдобрите 10 автори ќе имаат можност да ги прикажат своите дела на Партисима во Торино во ноември годинава.
Партисима Скопје е реализирана со финансиска поддршка од Стопанската комора Торино и институционална поддршка од Младинскиот културен центар и градовите Торино и Скопје.