Ретки се современите пракси за историската вкоренетост како оние што ги имаат академските титули. Дали тоа воопшто го оправдува возбудувањето околу овие титули? Претходните денови во српската јавност донесоа отворена дискусија за академските титули. Како настанале академските титули?
Овие денови, многу доктори на науки гледаа кон полицата на која ги чуваат своите дисертации. Некои со гнев, некои со страв. Имено, откако во почетокот на јуни 2014 година едно медиумско истражување на автентичноста на докторатите на највисоките државни службеници покрена лавина од реакции, некои наши доктори останаа загрижени. Што ќе се открие ако дојде на ред нивната дисертација, во општиот медиумско-политички вртлог?
Чудно зарем не? Како во својата суштина чистото академско прашање за одбрана на докторатот стана толку жешка политичка тема? Сосема доволно се пишува и се зборува за тоа, па да пуштиме на паметните и упатените да го истражат понатамошниот заплет околу спорните докторати, актуелните процедури и иднината на универзитетите кои ги издале. Но, ајде, за разлика од другите, да се обидеме да научиме уште нешто и да направиме мал осврт на корените на докторските титули.
За тоа е потребно на момент од бурата новински наслови и вжештените социјални мрежи да се вратиме кон средината на 12-от век, време кога никнувале првите европски универзитети. Европа во ова време била чудно, страшно место. Светот бил поделен, не само на христијански и пагански, туку по многу векови релативна тишина, светот се разбранувал. Некаде далеку се воделе крстоносни војни. Ерусалимското Кралство се обидувало да преживее речиси цел век, набиено во тесниот појас покрај Средоземното Море. Серии на походи кои ги предводеле папски легати и европски кралеви жедни за вечен живот, имале променлив успех.
Црквата на докторите им издавала т.н. licencia docendi, што им давало за право да подучуваат. Слободата на универзитетите, како заедница на доктори, не е плод на буржоаските и социјални револуции, па дури ни ренесансата, таа влече корени од темниот христијански Среден век.
Страв се вкоренил во градовите на континентот. Паралелно со далечните напори да се врати и задржи Ерусалим, по патиштата се движеле крстоносци и трговци од далечните краеви. Прво бенедиктанските монаси барале покајание. Сиромашните голијарди посебна група на учени скитници, барале знаење по селата, манастирите, градовите, пеејќи песни и изведувајќи претстави. Се мешале идеи, влијанија, вештини, на многу места знаењето станувало стока. Манастирски училишта почнале да никнуваат во градовите. Учениците и учителите се собирале околу прославените мислители и оратори, како што во Париз бил Абелард. Се преведувале арапски книги, а знаењето од антиката повторно зажувало.
Во таа атмосфера, во средината не векот настануваат еснафите на учители и првите организирани училишта, од кои во Париз, Оксфорд и Болоња ќе настанат првите универзитети. – Потеклото на универзитетските корпорации често е еднакво мрачно како почетоците и на другите занаетски тела. Се организираат полека, со постепени чекори, случајни прилики, а нивниот статут го потврдувале подоцна, го опишува Жак ле Голф, еден од најдобрите познавачи на ерата, овој лесен развој во возбудливата книга „Интелектуалец во Средниот век“.
– Во градовите каде настанале, универзитетите според бројот и квалитетот на своите членови претставувале сила која ги загрижува останатите форми на власт, смета Голф.
На почетокот, бидејќи потекнале од манастирските рамки и самите учители биле клерици. Со овие училишта раководеле канцелари, кои ги именувале локалните црковни власти, т.е. бискупот. Меѓутоа, како што се развивале универзитетите така привлекувале се повеќе студенти, а канцеларите станувале се побогати и по моќни, без многу драма.
Многу побурен судир ќе се појави меѓу универзитетите и властите, феудалците, кралевите и градските комуни. Универзитетот донесувал луѓе од целиот свет во градовите, студентите биле организирани во групи и тоа го загрижувало локалното население. Но, тоа значело и економска благосостојба за градовите, па локалните кралеви давале бројни привилегии на универзитетите.
Раните универзитети биле организирани во четири целини, каде се проучувало право, теологија, медицина и вештини т.е. уметност. Со време, последната целина ќе прерасне во филозофија, а подоцна и во наука која ја познаваме денес. За растот на влијанието на овие студии можеби најдобро зборува дека титулата ректор на почетокот била резервирана само за факултетот по филозофија и дека со негово јакнење, таа станала управителска на целиот универзитет.
Универзитетите ги воделе доктори, предавачи. Во текот на 12-от век Црквата на докторите им издала т.н. licenta docendi, што им дало право да подучуваат. Универзитетот станува заедница на доктори. Тоа не е само зграда или кампус, туку група интелектуалци која на некое место собира слушатели. Самиот збор доктор има латинско потекло, а настанал од зборот docere – да се подучува. Иако етимологијата често има лажлива трага ако сакате нешто да протолкувате, доктор како латински и антички и потоа средновековно име за учител, потсетува на христијанските темели на слобода на универзитетите.
Самите доктори биле нарекувани апостоли, како и првите христијански учители. Иако кога мислиме за слободате на интелектуалната работа, Црквата најчесто ја гледаме како соперник на академските организации, токму универзалниот, интернационалниот дух на средновековното христијанство овозможило да настанат универзитети какви што ги познаваме денес.
Со преминот во 13-oт век, во ек биле судири со локалните власти, па римскиот папа со низа декрети ги зајакнувал овие центри на знаење. Во Париз, кој во тоа време бил еден од најживите интелектуални центри (Вавилон, како што го нарекуваа некои калуѓери како Сент Бернар), во 1229 година допло до судир на студентите со локалното население и кралската стража. Во знак на протести, универзитетот го напуштил Париз на цели две години. Ова укинување на парискиот универзитет во Рим било сфетаено многу трагично.
За да ја поправи работата, папата Григориј Деветти во 1231 година го издава декретот „Pares scientiarium“ со кој универзитетите ги става под своја заштита. Овој документ во историјата на академизмот се смета за своја „Магна карта“.
Посебно е важно што веќе од 1213 година папската власт обезбедува универзално значење на титулата доктор, со тоа што на дипломираните студенти и идни учители им издава „licentia uniquie docendi“, која важи не само на универзитетот, каде студентот го завршил школувањето, туку и во целиот христијански свет.
Благодарение на тоа, титулата доктор станува универзална. Таа им донесува извесна сигурност на интелектуалците, а на универзитетите независност и благосостојба. Студиите на средновековниот универзитет траеле шест години, а потоа се добивала титула „мастер“, со универзално право на подучување, додека статус „дипломец“ можела да се добие попатно.
Докторантot, кандидат за докторска титула, се нарекувал doctorandus. Самата титула доктор, со највисоко академско достоинство, се стекнувала во средни години и се поврзувала за подучување и животна посветеност на ширење на знаењето. Но, таа многу повеќе се врзувала за учење и подучување, туку за научно истражување.
Земајќи предвид дека оваа титула станала популарна меѓу политичарите и јавните личности, тешко дека некој ќе ја одбрани тезата дека во 21-ot век секој доктор е навистина научник или пак вистински наследник на средновековниот колегиум на учители.
Дури во Германија во 19 век, во ерата на огромен развој на современите науки, постигнувањето на титула доктор почнува да се врзува само за истражувачки придонес. Тука, во многу земји се појавува денес популарната титула PhD, т.е. Philosophie Doctor (доктор на науки), а за чие стекнување било неопходно да се напише дисертација која содржи оригинален научен труд. До крајот на векот, благодарение на бројните американски студенти на германските универзитети, оваа пракса ќе се прошири и во САД, а во почетокот на 20 век и на остатокот од Европа.
Што и да се мисли за Србија денес, извесно е дека огромен број на универзитетски работници ги имаат истите овие универзални вредности. Несомнено, многу доктори немаат ништо со плагијати, тие гнасни никогаш доволно прогонувани злодела против умствениот труд. Иако лично, никако не припаѓам на клубот доктори, прилично ми е очигледно колку има обвиненија за плагијат, колку сериозни истражувачи и професори се налутија гледајќи како некои од нив својата титула наводно ја стекнале на недозволен начин. Сосема е јасно дека на академската заедница не може да припаѓа некој кој ја лажирал својата диплома во клубот, т.е. докторатот.
Меѓутоа, ако ја погледнеме пошироката слика, дали тој кој нема да донесе никаков научен придонес, а се закити со титула доктор, тоа навистина го дискредитира на други полиња? Морално, без никаков сомнеж. Но, светот многу се измени не само од 12-от, туку и од 19-от век. Истражувач посветен на откривање и ширење на знаењето е помоќна фигура од човек со титула. И тоа поради сите тие кои докторат стекнале од којзнае какви мотиви. Не доведувајќи ја во прашање оправданоста на преиспитувањето на секоја титула, тешко дека некој ќе ја одбрани тезата оти во 21 век секој доктор е навистина научник и наследник на средновековниот колегиум учители. Нивниот дух, нивната верба во знаењето е зачувана на сосема друг начин.
Затоа, без никаква возбуда, научниците и учителите лесно ги препознаваме и без титула.
Б92 – Белград