Тројца британски војници на возраст меѓу 24 и 31 година, починале како последица на „презагреаност“, заклучи денеска судијата-коронер, кој ја спроведе истрагата за трагичниот инцидент од јули минатата година, кога двајца од војниците умреа на самото место, а третиот во болница.
Истрагата покажала дека сите тројца биле жртви на хипертермија, кога температурата на телото е зголемена многу повеќе од нормалната, по што доаѓа до откажување на некои од виталните органи.
Инцидентот се случил за време на еден марш во должина од 64 километри, под полна воена опрема при температура од над 29 степени.
Тројцата биле дел од групата од шестмина војници кои учествувале во четиринеделната обука за резервисти на специјалната единица на британската војска САС.
Сознанијата од коронерската истрага се предадени на јавното обвинителство кое сега треба да утврди дали станува збор за убиство од небрежност на надлежните воени власти.
Британските здравствени власти побараа од Министерството за одбрана во Лондон итна истрага за инцидентот, како и преиспитување на условите при спроведувањето на ваков тип воени вежби.