Милитантните пакистански талибанци ја презедоа денеска одговорноста за терористичкиот напад врз меѓународниот аеродром во Карачи.
Во нападот што почна вчера во доцните попладневни часови,убиени се најмалку 28 лица, од кои десетмина се припадници на исламистичката група. Други 14 лица се полесно или потешко повредени.
Нападот започна во карго терминалот и кај терминалот за ВИП летовите на овој пакистански аеродром,на крајниот југ на земјата и близу до границата со Индија. Борбите на терористите со пакистанските безбедносни сили продолжија и до раните утрински часови, но претставник на аеродромската управа изјави дека е скршен отпорот на напаѓачите и дека сега е мирно.Тој навести дека во текот на денешниот ден,до вечерва по локално време,аеродромот во Карачи одново ќе биде отворен за редовен сообраќај.
Карачи, кој е најголем град во Пакистан, е често цел на напади на исламистичките групи на локалните талибанци.
Претставник на групата изјави дека нападот претставува „порака до пакистанската влада“ за тоа дека талибанците „се се уште живи, за да казнуваат за убиствата на невини луѓе“ при воздушните напади врз селата што се под нивна контрола. Нападот врз аеродромот во Карачи ќе ги поткопа плановите на пакистанскиот премиер Наваз Шариф за покренување на мировни преговори со талибанските бунтовници.