Бразил е како големо проблематично дете. Со бунтовен карактер, насилно, но истовремено несвесно за своите квалитети. Едно од децата кои имаат толку скриен потенцијал, но немаат родителско внимание. Од тие деца кои веднаш ви влегуваат под кожа.
– Чувајте се. Ако некој ви пријде, дајте му се. Без расправии. Тие нема да се двоумат, а опремата не е вредна како вашите животи.
Ме затече таа препорака. Слушав и порано од колегите, читав совети за патување во Бразил, но не го очекував од полицијата како добредојде на аеродромот во Сао Паоло.
Истата приказна и со таксистот. Постојат делови од градот во кои како што вели не оди да вози, посебно не навечер. Во некои други само не застанува на семафори. Премногу е ризично. Погледот низ прозорецот покажува дека и другите размислуваат слично. Згради и семејни куќи опколени со високи ѕидови, огради, решетки на секој прозор…
Првиот впечаток беше помалку застрашувачки.
Статистиката само дополнително го поткрепува. Во првите три месеци оваа година бројот на убиствата во Сао Паоло пораснал за 22 отсто во однос на истиот период во 2013 година. Улични кражби имало дури 46 отсто повеќе.
Хеликоптерски такси
Богатото население во Сао Паоло пронашле оригинален начин за избегнување на уличниот криминал – хеликоптери. Во тој град постојано се слуша нивното брчење. По глава на жител ги има повеќе од било кое друго место на Планетава.
Благодарение на тоа што меѓународниот аеродром е на север, а деловниот центар на југот на градот, по чии улици дневно циркулираат од 11 до 20 милиони луѓе, во Сао Паоло цвета хеликоптерската такси служба.
Фактот дека најевтиното возење е околу 600 евра, не го намалува бројот на клиентите. Деловните луѓе не сакаат поради километарските редови на патиштата да ризикуваат да задоцнат на состанок, на пијалак, да наидат на киднапери или нешто трето што би можело да ги чини многу повеќе.
Во меѓувреме, доле на земјата, растечката средна класа се бори да преживее во 19 најскап град на светот.
Додека поминувате низ Авенијата Паулиста која, всушност е Менхетен на Јужна Америка, донекаде стекнувате впечаток на раслоеност и шаренило на бразилското општество. Адвокати, банкари, инжинери… се брзаат од ручек назад во канцелариите, пред луксузниот хотел шлеп-служба доставува нов бентли, а веќе на ќошот наидувате на импровизиран шатор од најлон и некој кој бездомник кој тука привремено се населил.
Според бројот на милијардерите, Бразил е петта земја на светот. Тоа е земја во која 10 отсто најбогати го присвојува речиси половина приход, додека на 10 отсто најсиромашни оди помалку од 1 отсто.
Изнајмување на просечен стан во Сао Паоло чини околу 800 евра. Истовремено, сиромашниот дел од населението, главно необразованите, тешко можат да си дозволат изнајмување на соба или мал стан во приградските населби. Со минимална плата од 700 реали или помалку од 250 евра, тешко се покрива станарина од 500 до 600 реали, трошоците и храната.
Закани од фавелите
Многу од нив поради тоа завршиле во фавели, диви населби кои постојат речиси во секој поголем бразилски град. За државата тие населби до скоро како да не постоеја. Куќите се неплански градени, а жителите сами се организираат за инфраструктурата и јавниот превоз. На диво си обезбедуваат струја и вода.
До пред година две, речиси сите фавели во Рио де Жанеиро ги контролираа дилерите на дрога. Заплашувајќи го населението, воделе војни со соперничките банди и врбувале деца од 13 години. Во многу фавели се уште е така. 30 фавели во Рио до сега, како што се вели, се пацифицирани. Полицијата во една организирана акција влега, уапсила нарко дилери и им го одзела оружјето.
Сепак, стравот кај жителите на фавелите не е намален. Кога ќе се обидете да разговарате со нив избегнувајте ги темите за безбедноста и полицијата. Само кусо велат дека сега е подобро, дека се среќни што повеќе нема секојдневно пукање на улиците и тука застануваат.
Не ги сфаќаат сите исто причините поради кои државата пред неколку години конечно се заинтересирала за фавелите. Додека некои веруваат дека поводот е Светското првенство во фудбал и безбедноста на туристите, други како режисерот на филмот Градот на боговите, 10 години подоцна, на Лучиано Видигал, велат дека државата почнала да реагира поради тоа што насилството од фавелите почнало да се прелева на околните богати населби и најпознати плажи во Рио.
– Ако државата навистина е заинтересирана за доброто на населението во фавелите, нема да запре на ова. Спречувањето на секојдневното насилство беше само прв чекор. Сега во фавелите треба да се доведе образование, здравствена заштита, да се пружи на децата алтернатива – вели Видигал.
Подобри услови за живот бараат и други граѓани во Бразил. Вработените во јавниот сектор, во образованието, синдикатите, младите… Сите тие излегуваат на улица и од федералната влада бараат поголеми инвестиции во образованието, здравството и инфраструктурата. Лути се што нивните пари се вложени во 12 прекрасни стадиони, а многу од нив потоа ќе бидат полу празни.
Го нема препознатливиот колорит
Бразилските медиуми, на пример, пресметаа дека за парите вложени во реконструкција на познатиот стадион Маракана, можат да бидат опремени околу 200 училишта.
Тоа се причините зошто на улиците повеќе го нема препознатливиот бразилски колорит.
Освен излози и продавници и улични тезги накитети со знамиња, жолто зелени вувузели, дресови и топки, во оваа земја заљубена во фудбалот, не се чувствува поголемо воодушевување и исчекување на светската смотра.
Се почесто се слушаат повиците – НЕ за Светскиот куп!, првпат изговорен лани, на протестите во текот на Купот на конфедерациите. Граѓаните не се против фудбалот. Тие се противат на прекумерното трошење, принудното иселување поради изградбата на стадионите и комплексите за Олимпијадата, несреќни смртни случаи на работници кои брзаат стадионите да бидат завршени на време, недоволно инвестирање во инфраструктурата…
Професорот по економија на Федералниот универзитет во Рио де Жанеиро Карлос Фредерико Леао Роча, вели дека синдикатите претеруваат во своите барања. Не го насочуваат својот гнев на вистинската страна. Тој наведе дека Бразил ја испушти својата прилика да направи големи чекори во квалитетот на животот на граѓаните.
Кога во почетокот на 2000 година Кина економски почна да цвета, се случи и економски бум во Бразил, како најголем извозник на соја и железна руда во таа земја. Сепак, Бразил во тоа време се однесуваше како незаситен тинејџер. Економистите велат – се продадоа премногу автомобили, а не се изградија доволно патишта. И поради тоа сега 12 стадиони нема многу да променат, смета професорот Роча. Светското првенство, според него, секако не било таа нова прилика за сериозен чекор напред.
Нема да недостасува воодушевување
Од друга страна, навистина е можност да се покаже како добар домаќин за милиони домашни и околу 600.000 странски туристи, колку што се очекуваат на Мундијалот.
Сосема е сигурно дека ќе има проблеми. Ќе се чека долго, од пасошката контрола на аеродромите до долгите сообраќајни колони на патот до стадионите. Извесно е дека ќе има многу обиди за кражби, со тој број на туристи во градовите.
Секој кој не зборува португалски и шпански, тешко ќе може да комуницира со луѓето на улица. Сепак, нема да недостасуваат насмевките и воодушевувањата што сте поминале толкав пат да ја посетите оваа земја.
Кога ќе почне Светското првенство, фудбалот ќе биде најважен. Резултатите и последиците ќе се стават на вага во октомври, на изборите.
Ал Џезира – Доха