На средбата со генералниот директор на Директоратот за проширување при Европската комисија во Брисел, Кристиан Даниелсон, претседателот на ЗНМ, Насер Селмани изрази загриженост за состојбата со слободата на изразувањето во Македонија.
Потребно е, според него, да се преземат итни мерки за решавање на постојните проблеми бидејќи постои голема опасност состојбата уште повеќе да се влоши.
Селмани пред директорот Даниелсон ги елаборираше причините за лошата состојба со слободата на медиумите. Според него, изворот на сите проблеми со слободата на медиумите во Македонија е начинот на кој досегашните владејачки гарнитури ја практикуваат власта кршејќи ги основните начела на македонскиот Устав, кој гарантира слобода на изразување и слободен пристап до информациите.
Како што се наведува во соопштението од ЗНМ, Селмани рекол дека најдобар начин Македонија да излезе од сегашната состојба е земјата во најскоро време да ги започне преговорите за членство во ЕУ.
-Со тоа ЕУ пред македонските граѓани ќе покаже дека искрено посакува Македонија да стане членка на унијата, а македонската влада ќе има можност на дело да ја покаже својата посветеност за евроинтеграцијата. Продолжувањето на статус квото има ризик уште повеќе да ја влоши состојбата со медиумите која ќе се одрази на демократскиот развој на Македонија и на нејзините евроатлански апсирации, истакна Селмани, се наведува во соопштението.