Украина соопшти дека не е соочена со хуманитарна криза, како што тврди Русија, а директорката за хуманитарни операции на Обединетите нации Валери Ејмс го потврди украинскиот став.
На прашањето дали во Украина има хуманитарна криза Ејмс одговори: „Колку што знам нема“, јави БТА.
Русија ги изненади оваа недела дипломатите во ОН, кога во Советот за безбедност достави резолуција, со која инсистира на обезбедување хуманитарни коридори во немирните региони во источна Украина. Некои од дипломатите беа зачудени од барањето на Москва поради нејзиното противење за создавање хуманитарни коридори за Сирија, која е нејзин близок сојузник.
САД ја осудија резолуцијата како лицемерна, но некои дипломати во ОН сепак побараа да се истражат руските тврдења.
Постојаниот претставник на Украина во ОН, Јуриј Сергеев изјави вчера дека руската резолуција е апсолутно непотребна. Тој истакна дека и други организации, меѓу кои и Црвениот крст негираат дека во Украина има хуманитарна криза.