Лидерот на опозициската партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бојко Борисов денеска најави нова иницијатива до бугарскиот Парламент за изгласување недоверба на Владата на премиерот Пламен Орешарски.
Борисов, кој е поранешен бугарски премиер, рече дека оваа петта по ред иницијатива за недоверба, овој пат ќе биде покрената поради „неуспешната финансиска политика“ на Владата.
– Наместо да се справуваат со шверцот и да ја подобрат наплатата (на давачки), тие се решија за најлесниот начин – да ги задолжуваат следните генерации, а се подготвуваат да земат уште 3 милијарди лева (1,5 милијарди евра) кредити, рече Борисов.
Тој нагласи дека Владата секој ден генерира нови огомни долгови и и нанесува непоправливи штети на државата, па затоа е потребно да си замине од власта.
Минатата недела бугарското Народно собрание ја отфрли инцијативата на ГЕРБ за изгласување недоверба на Владата, која беше покрената поради, како што образложи опозицијата, лошите резултати во енергетскиот сектор.
Бугарската опозиција изминативе недели во континуитет покренува иницијативи за изгласување недоверба на Владата на Орешерски, секогаш наведувајќи како причина „неуспеси или лоши резултати“ во различни сектори.