Грен слем турнирот Ролан Гарос влегува во својата завршница и на денешниот десетти натпреварувачки ден на програмата се по два четвртфинални меча во двете конкуренции.
Први на двата главни терени ќе се појават жените. Марија Шарапова ќе игра против Шпанката Гарбине Мугуруза, која ја елиминира ланската шампионка Серена Вилијамс. Во вториот меч ќе играат Карла Суарез Наваро (Шпанија) и Еугени Бушар (Канада).
Во машка конкуренција вториот носител Новак Ѓоковиќ (Србија) ќе игра против Милош Раониќ (Канада), додека Томаш Бердих (Чешка) за противник го има Ернест Гулбис (Летонија).
Последни вчера четвртфиналето го обезбедија Французинот Гаел Монфис и Британецот Енди Мареј, додека кај жените тоа го направија Романката Симона Халеп и победничката на Ролан Гарос од 2009 година Светлана Кузнецова од Русија.