Во присуство на голем број верници во Тирана денеска е осветен новиоизградениот Соборен храм „Воскресение Христово“, јави дописникот на МИА.
Осветувањето го изврши Вселенскиот патријарх Вартоломеј Први, во сослужение на поглаворот на Албанската автокефална православна црква Јанулатос, како и поглавари или високи достојници на цркви од повеќе земји, Полска, Србија, Русија,Израел, Романија и други земји.
Како што потврдиле од ААПЦ за македонското друштво „Илинден“, со седиште во Тирана, на овој голем чин не само за верниците во Албанија туку и поширко, МПЦ-ОА не била поканета, поради што и немало претставници на осветувањето.
Соборниот храм изграден е на местото на црквата која била урната за време на комунистичкиот период во 1967 година. Зафаќа површина од над пет илјади метри квадратни, кои на ААПЦ и се вратени како компензација за одземено земјиште.
На осветувањето присуствивал и претседателот на Албанија, Бујар Нишани, премиерот Еди Рама, претседателот на Парламентот Илир Мета, како и лидерот на опозициските демократи и градоначалник на Тирана, Љуљзим Баша.