Претседателот на отцепената грузиска област Абхазија, Александар Анкваб денеска поднесе оставка, јави ИТАР ТАСС.
– Со цел да се зачува стабилноста, согласно членот 65 од Уставот на Абхазија, поднесувам оставка од претседателската функција. Ги повикувам сите граѓани на мир и одржување на нови избори во нормална ситуација, се наведува во обраќањето на Анкваб до народот.
Абхазискиот Парламент вчера го именува својот претседател Валериј Бганба за вршител на должност лидер на Абхазија и донесе одлука за одржување вонредни претседателски избори за 24 август.
Премиерот на Абхазија, Леонид Лакербај ја оцени ваквата одлука како „неуставна и револуционерна“, а истото мислење го има и секретарот на Советот за безбедност Нугзар Ашуба.
Бганба за денеска имал закажано средба со Анкваб, кој побегнал во руската воена база во Гудаута. Пред вчерашната седница тиа двајца имале телефонски разговор, во кој Анкваб бил запознат со ситуацијата.
Пред два дена опозициски лидери објавија дека ја имаат власта во свои раце во Абхазија и покрај одбивањето на Анкваб да се повлече од функцијата.