Воениот оркестар на АРМ прв пат со свој настап синоќа се претстави пред граѓаните на Делчево, со едночасовен концерт во Домот на културата.
Припадниците на баталјонот за почести, вештините во работа со оружје пред граѓаните на Делчево ги покажаа со изведување на точката „Егзицир“.
На концертот присуствуваа началникот на штабот на Здружената оперативна команда на АРМ, бригаден генерал Стојан Димчов и градоначалникот на Делчево Дарко Шехтански.
Концертот во Делчево е втор од планираните, кои во текот на 2014 година е предвидено да се реализираат во повеќе градови низ Македонија. Тоа е продолжување на проектот за соработка со локалната самоуправа, чија основна цел е низ дружење, АРМ да се доближи до граѓаните и во градовите каде нема гарнизони.
Вчера во центарот на Делчево припадниците на Првата механизирана пешадиска бригада организираа отворен ден со изложба на дел од вооружувањето и опремата со кои е опремена оваа единица.