Бугарското Народно собрание денеска ја отфрли иницијативата за изгласување недоверба на Владата на премиерот Пламен Орешарски, предложена од опозицијата поради, според неа, неуспеси во областа на енергетиката.
„За“ иницијативата на опозициската партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) гласаа 93 нејзини пратеници, а „против“ беа 116 претставници на владејачката коалиција на Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Движењето за права и слободи (ДПС). Пратениците на националистичката партија Атака не учествуваа во гласањето.
ГЕРБ побара и прегласување, но повторно не успеа да ги собере неопходните 121 глас за прифаќање на иницијативата.
По гласањето, премиерот Орешарски им се заблагодари на пратениците за поддршката и изрази уверување дека неговата Влада ќе продолжи да работи за заздравување на енергетиката.
Орешарски нагласи дека енергетиката е тема, за која треба да се водат дискусии, бидејќи решенијата донесени денес ќе имаат резултат по пет до 10 години.
Според него, секторот не е во добра состојба и се соочува со проблеми што се натрупувани со години.