Поранешниот британски премиер Тони Блер ги отфрла обвинувањата на дел од пратениците, за доцнењето со завршниот извештај за војната во Ирак.
Извештајот од јавната истрага за случувањата и состојбите пред и по воената интервенција на САД и Велика Британија во Ирак и соборувањето на режимот на Садам Хусеин, требаше одамна да биде готов и публикуван,но безмалку пет години од почнувањто на истрагата, се уште не се знае кога тоа ќе се случи.
Повеќемина британски пратеници од редовите на критичарите на војната во Ирак, јавно го обвинија Блер дека тој го попречува завршувањето на работата на специјалниот „трибунал“ затоа што „не ги предава доверливите документи од личната преписка“ меѓу него и поранешниот американски претседател Џорџ Буш.
Станува збор за писма и за снимени телефонски разговара меѓу двајцата политичари, што се однесуваат на времето од пред нападот на Багдад, во март 2003 година и за времето по падот на Хусеин и неговото апсење.
Блер меѓутоа соопшти дека тој нема ништо со доцнењето на извештајот на специјалната комисија.
– Не сум јас виновен за бавниот напредок во нејзината работа, ниту затоа што се уште не се публкувани извештајот и заклучоците на комисијата, изјави Блер, објаснувајќи дека одамна членовите на комисијата ги имаат кај себе, сите „тајни“ документи и се она што комисијата го побарала од него.
Според поранешниот премиер, тој најмногу сака што е можно побрзо да се појави извештајот,за да може да реагира и за да може да даде свои толкувања на она што ќе го соопшти комисијата.
Владата на премиерот Гордон Браун, во 2009 година формира специјална комисија, раководена од Џон Чилкот, која требаше да ги истражи сите состојби околу британското учество во вонета интервенција и во војната во Ирак.
Тоа беше петата по ред истрага, што беше покрената за ирачката војна, која и овојпат беше искористена за да му се суди на Блер, за „нелигитимноста“ на интервенцијата и за тоа дека поранешниот премиер ги „измамил“ Британците, преувеличувајќи ја заканата од Хусеин, за да добие „зелено светло“ за, наводно, со Буш веќе договорената војна во Ирак.
Во текот на двегодишното сослушување на комисијата, Блер на двапати јавно сведочеше за војната, за времето пред и по интервенцијата, останувајќи и понатаму на ставовите кои ги појаснуваше и на претходните четири истраги.
Покрај него беа сослушувани и повеќемина лабуристички министри, како и најблиските советници на Блер за „лажното досие“ околу ирачкото оружје за масовно уништување и за „преправањето“ на извештаите на британските разузнавачки агенции.
Сослушувањата завршија пред три години, но заколучоците на комисијата, што требаше да бидат готови до крајот на 2011 година, се уште ги нема.
Претставник на Владата изјави дека тие, најверојатно, ќе се појават до крајот на оваа година, но пратениците кои го покренаа прашањето за работата на комисијата на Чилкот, сметаат дека нема ништо да биде публикувано до после парламентарните избори во мај 2015 година.