Ирански суд го повика основачот и генерален директор на „Фејсбук“, Марк Цукерберг да се јави на сослушување поради поднесени жалби од лица кои сметаат дека апликациите Инстаграм и Ватсап, кои ги поседува оваа социјлна мрежа, не го почитуваат нивното право на приватност.
Судот дури побарал двете апликации да бидат блокирани на територијата на Иран. Минатата недела друг ирански суд, исто така, донел одлука Инстаграм да биде блокиран поради заштита на личната неприкосновеност. Сепак денеска корисниците во Техеран се уште имаа пристап до апликациите.
Во Иран Фејсбук е веќе забранет заедно со другите социјални мрежи, како Твитер и ЈуТјуб, но некои високи претставници на власта и натаму ги користат своите профили на Твитер. Администрацијата на умерениот ирански претседател Хасан Рохани е против блокирањето на интернет страниците.