Чествување за делото на „Св.Кирил и Методиј” и промоција на книги од македонски автори од Бугарија се одржа синоќа во градската библиотека „Тими Митко“ во албанскиот град Корча.
На настанот, што го организираше Македонски културен центар „Сонце“ од Корча присуствуваше и амбасадорот на Република Македонија во Република Албанија Стојан Карајанов, преставници од македонските друштва „Гора”, македонското егејско друштво „МЕД” од Врбник.
Настанот започна со пеење на македонската национална химна, што ја отпеа Ратко Ѓорѓиески од Прилеп. Домаќин и водител на програмата беше Васил Стерјовски, активист од редовите на македонското малцинство во Албанија.
На чествувањето поздравен говор имаше амбасадорот на Република Македонија во Република Албанија Стојан Карајанов кој ги поздрави присутните, честитајќи им го празникот и одржа пригодна реч за делото на македонските браќа „Св.Кирил и Методиј”.
Беа промовирани и книгата „За големината на македонскиот народ” од Божидар Киријанов и Билтенот на Македонскиот академски клуб на Друштвото за бугарско-македонско пријателство.
Драги Башески од Прилеп ја престави книгата „За големината на македонскиот народ” од Божидар Киријанов, и Билтенот на Македонскиот академски клуб на Друштвото за бугарско-македонско пријателство, додека свои излагања пред присутните имаа и авторот на книгата и Благој Толев еден од издавачите на Билтенот, кои говореа и за положбата на Македонците во Бугарија.
На промоцијата говореше и Аднан Ќејвани, македонски активист од Гора, Албанија, кој меѓу другото истакна дека во книгата „За големината на македонскиот народ“ на Божидар Киријанов се прикажани обичаи од Пиринска Македонија, кои се исти со обичаите на Македонците во Гора.
На крајот од ова чествување произлезе иницијатива за формирање Заедница на Македонците од Етничка Македонија која би имала за цел културно и духовно обединување на Македонците, меѓусебно запознавање на Македонците од сите делови на Етничка Македонија, заеднички активности и друго.