Во конкуренција од 157 интернационални проекти веб-сајтот на СОУ „Јане Сандански“ од Струмица изработен за промоција на грнчарството, бисерниот накит, резбарство, изработка на килими… освои златна награда на CyberFair 2014! Целта на учениците беше да го свртат внимание кон грнчарството, бисерниот накит, резбарство, изработка на килими како традиционални занаети во нашата земја. Финалниот производ од нивната тимска работа е уреден сајт со впечатливо мото „Осветли ги засенетите занаети“, уникатна содржина и музика која освојува.
Минатиот месец учениците од втора година – Александра Манзаклиева, Ана Тодорова, Никола Тошев и Николина Туџарова заедно со професорката Софија Тошева подготвуваа го подготвуваа својот онлајн проект наречен Осветли ги засенетите занаети. Откако ги поминаа фазите на самооценување и оценување од стручно жири, денес пристигнаа конечните резултати.
Оваа учебна година информатичарите од СОУ „Јане Сандански“ ја заокружуваат со својата четврта награда, заедно со останатите три на државно ниво.
Визијата на овој натпревар е да инспирира и обединува. Годинава, како и обично, организаторите понудија осум подтеми за изработка на веб-сајт, а нашите ученици избраа да пишуваат за старите занаети во Македонија. Со оваа награда тие несомнено успејаа во својата желба да бидат добри промотори на старите подзаборавени македонски занаети, вклучително со добрата македонска музика и содржината од која може многу да се научи.
Минатогодишната платинум награда на истиот CyberFair натпревар, како и оние од School Connectivity, Nais 20/20, Doors to Diplomacy се дел од интернационалните успеси кои ги имаат различни генерации ученици од СОУ „Јане Сандански“.
Инаку, учениците имаа можност да го презентираат својот труд и пред пријателите од збратименото училиште од Задар кои минатиот месец го посетија училиштето.