Општина Дојран наскоро ќе добие индустриска зона за лесна и незагадувачка индустрија која ќе се простира на површина од 20 хектари.
Урбанизацијата на просторот на влезот пред Нов Дојран, на кој се планирани 52 парцели за индустриски објекти, е целосно завршена и веќе се работи на инфраструктурното уредување. Во моментот се гради водоводниот систем за кој од општинскиот буџет се издвоени околу 3 милиони денари.
– Градењето и асфалтирањето на патиштата во зоната ќе биде втората фаза за која подготвуваме проект и очекуваме до есен комплетно да ја реализираме. Водевме сметка да го зачуваме Дојран како чиста животна средина така што најголем интерес сега постои за објекти одпреработувачката индустрија, за откупни центри и фабрики за преработка на овошје и зеленчук, како и за отворање млекари и пекари, рече градоначалникот Борче Стамов.
Од општината велат дека домашни и странски фирми пројавиле интерес за инвестирање и дека првиот оглас за продажба на парцели во новата индустриска зона кај Дојран ќе биде објавен до крајот на јуни.