Женската ракометна кадетска репрезентација (до 18 години) по денешното извлекување во Скопје ги доби противниците на Светското првенство кое од 20 јули до 3 август ќе се одржи во Македонија. Како домаќин Македонија имаше привилегија да ја избере групата, откако претходно беа извлечени по пет репрезентации во четирите групи.
Избраничките на селекторот Аце Станковски ќе играат во групата Ц, каде носител е Данска, а играат уште Романија, Узбекистан, Германија и Аргентина. Натпреварите Македонија ќе ги игра во Струмица. Четирите првопласирани селекции од секоја група ќе играат во четвртфиналето.
Пред извлекувањето на групите, свечено обраќање имаше претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, ветувајќи дека Македонија ќе се покаже како добар домаќин.
– Сакам да му се заблагодарам на господинот Мустафа што ни даде шанса да организираме ваков настан. Сигурни сме дека ќе ја покажеме славната македонската гостопримливост и дека ќе покажеме како треба да се организира едно вакво првенство – изјави првиот човек на македонскиот ракомет Мукаетов.
Според извлекувањето распоредот на групите е:
ГРУПА А (град домаќин Скопје): Шведска, Кореа, Казахстан, Бразил, Тунис, Холандија.
ГРУПА Б (Охрид): Русија, Норвешка, Јапонија, Унгарија, Парагвај, Конго.
ГРУПА Ц (Струмица): Данска, Романија, МАКЕДОНИЈА, Узбекистан, Германија, Аргентина.
ГРУПА Д (Охрид): Португалија, Црна Гора, Хрватска, Ангола, Кина, Франција.
Натпреварите од првата фаза по групи ќе се играат од 20 до 26.јули.