Децата од светот, на својот мајчин јазик, вечер во Старата битолска чаршија ќе го означат почетокот на 33-то издание на меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монматрт“.
Од детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ информираат дека најголем дел од учесниците, односно од Хонг Конг, Москва и од други градови во светот веќе се во Битола.
– Не можеме да се смириме од пожарот што ни се случи пред два дена. Утрово повторно ги пишуваме дипломите за најдобрите учесници и ги прередуваме материјалите што им ги доделуваме на сите што годинава ќе творат во Битола, Охрид и Крушево. Нашите погледи се свртени кон вечерашното свечено отворање на кое децата од 18 држави во светот на својот мајчин јазик ќе го поздрават и отворат големиот културен настан, изјави Коста Хаџиантоновски, раководител на студиото и основач на „Мал битолски Монмартр“.
Годинaшни лауреати се децата од интернационалната ликовна академија „Сампат Рекна Коломбо“ од Шри Ланка, а специјални награди ќе добијат и учениците од уметничките училишта од Коџаели-Турција и „Петар Лубарда“ од Цетиње-Црна Гора.
– Цртањето инспирирано од староградската архитектура почнува од утре кога воедно ќе го одбележиме патронатот на студиото, големиот македонски државен празник посветен на сесловенските учители и просветители „Свети Кирил и Методиј“, в недела ќе престојуваме во Охрид, а во понеделник децата од светот ќе цртаат во Крушево – градот на културата прогласен од Министерството за култура за оваа година, потврди Хаџиантоновски.