Четириесет и шестгодишен жител на селото Тополчани денеска загина кога тракторот со кој управувал, се превртел и го потиснал.
Според заменик-обвинителот од прилепското Основно јавно обвинителство Данчо Кочоски, до несреќата дошло кога тракторот со кој починатиот Злате Пројчески ја орал нивата, во еден момент се слизнал во ендек и се превртел.
Началникот на Итната медицинска помош Гоце Јонзоски информира дека загинатиот имал повреди на градниот кош и оти е констатирана смрт.
Увид на местото на несреќата направија полицијата и Јавното обвинителство.
За неполн месец, ова е втор несреќен случај со трактор. Пред 12 дена на патот Ропотово-Пешталево во општина Долнени, загина 34-годишен жител на селото Секирци, откако се преврте трактор.