Претседателот Ѓорге Иванов првпат слуша за иницијативата што ја спомнал бугарскиот претседател Росен Плевнелиев за споменик на бугарскиот писател Димитар Талев во Прилеп, велат од кабинетот на Претседателот на Република Македонија во врска со последните изјави на неговиот бугарски колега.
За наводите во бугарските медиуми дека Иванов се сретнал со Плевнелиев пред неколку дена во Брисел, од кабинетот посочуваат дека во Брисел немало средба на двајцата претседатели. Последната нивна средба, се додава, беше пред два месеца во Белград, на маргините на состанокот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, соопшти кабинетот на Иванов во однос на последните пишувања во бугарските медиуми.
Посочуваат и на одговорот на претседателот Иванов на заедничката прес-конференција со еврокомесарот за проширување Штефан Филе, од 4-ти овој месец, на прашање од новинар на бугарската национална телевизија „дали сте загрижени од одредени толкувања на македонски претставници дека заедничката историја со Бугарија може да наштети на вашето членство во ЕУ“.
„Европската унија е идеја која не обединува во иднината. Доста веќе гледавме назад. Ние пристапуваме кон Европската унија за со Бугарија да спроведуваме европски стандарди, критериуми и принципи. Да им ја оставиме историјата на историчарите“, рекол Иванов.