Скандалозна е изјавата на претседателот на Синдикатот на клиничкиот центар Дејан Ставриќ дека штрајкот го поддржуваат лекари од сите политички партии.
Ова денеска го изјави министерот за здравство Никола Тодоров по посетата на Младинскиот центар за сексуално и репродуктивно здравје „Сакам да знам“ во рамки на здравствената станица во Шуто Оризари, истакнувајќи дека станува збор за многу иронична изјава и оти навистина жали што некој почнал докторите да ги дели на припадност во определени партии.
Ова внесува дополнителен проблем во целиот начин на функционирање и на комуницирање. Како можат да знаат кој доктор од која политичка партија е. Дали со секоја пристапница за влез во Синдикат се бара и партиска книшка. Дали не е скандалозно да се бараат партиски книшки за членовите на синдикатот. Дали водат евиденција на партиска или на политичка припадност на докторите, дали можеби водат и друг тип евиденција за докторите, за нивнитте лични или семејни прилики и дали овие евиденции, ако се водат, се водат со цел докторите, во определени прилики да се условуваат или да се уценуваат, праша министерот Тодоров во изјава за медиумите.
Штрајкот на лекарите е закажан за 24 септември. Тие бараат зголемување на платите и укинување на моделот „плаќање по учинок“.