Британскиот шпионски авион, што беше испратен во Нигерија за спасувачката мисија со киднапираните ученички, поради ненадејни технички проблеми, принудно се спушти во Сенегал, соопшти денеска Министертсвото за одбрана во Лондон.
Во соопштението нема детали за тоа за каков дефект станува збор,освен што се открива дека во оваа африканска земја итно е испратена техничка екипа за да го поправи авионот.
Авионот полета од Велика Британија во неделата за да биде дел од меѓународната операција за откривање и ослободување на 200 нигериски ученички кои на 14 април беа киднапирани од припадниците на терористичката група Боко Харам.
Ученичките беа грабнати од училиштето во градот Чибок, во североисточна Нигерија,каде главно дејствува оваа милитантна, исламистичка група.
Од тогаш, Боко Харам испрати преку интернет кус видео клип на кој се гледаат 130 од киднапираните ученички,како облечени во муслимански хиџаб,читаат делови од Коранот.Претставник на групата најави ослободување на дел од заложничките,доколку нигериската влада ги ослободи нивните припадници кои се држат во затворите.Претседателот на Нигерија Гудлак Џонатан прифати разговори со бунтовниците,но одби да се ослободат фатените и осудени терористи.
Во меѓународната операција за спасување, САД веќе учествуваат со авиони и беспилотни летала кои патролираат над воздушниот простор на Нигерија,трагајќи по локацијата каде би можеле да се држат ученичките,а Израел испрати свои разузнавачки експерти. Во досегашните терористички напади на Боко Харам се убиени преку илјада луѓе.