Влијанието и учеството на локалната самоуправа и општините во безбедноста на патиштата, млади возачи по возраст и млади возачи по стаж, како и управување со возила под различни влијанија, како што се алкохолот, мобилните телефони, бучавата…се темите за кои ќе се дискутира за дводневната меѓународна конференција „За улогата на локалната самоуправа и општините во унапредување на безбедноста на сообраќајот на локалните и регионалните патишта“, што ќе се одржи во Скопје.
На конференцијата чиј покровител е претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, а домаќин Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот и патиштата ќе има над 200 учесници, од кои 40 ќе бидат од 20 земји членки на Меѓународната организација за безбедснот на патиштата, каде што Република Македонија е членка под уставното име.
Професорот Миле Димитровски од Машинскиот факултет во Скопје, информира дека конференцијата треба да заврши со усвојување декларација насловена „Декларација Скопје-Македонија“.
Во рамки на меѓународната конференција, информира професорот Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје, ќе се одржи симулациска вежба на сообраќајна несреќа со над 20 повредени лица со изгореници.
– Вежбата е да се провери каква е подготовката на Итните медицински служби, како и Градска општа болница „8 Септември“-Скопје, изјави Кочубовски, додавајќи оти поддршка е добиена од МВР, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, противпожарната бригада од Скопје и од доброволци од Црвениот крст.
Тоше Јанев, портпарол на РСБСП, говореше за актуелните активности како што се неделата на пешаците, месецот на велосипедисти, државние натпревари „Детски семафор“, а меѓу останатите и кампањата за безбедност на матурантите во сообраќајот. Тој најави дека во план е следниот месец да се организира недела на мотоциклисти за нивна поголема безбедност во сообраќајот.