„Сакаме да реагираме на вчерашното убиство на матурантот Ангел Петковски од Ѓорче Петров, кој се обидел да го поврати својот украден велосипед од една криминална банда и кој при тоа го загубил својот живот од ладно оружје. Ние, Граѓанската опција за Македонија-ГРОМ, веќе со месеци укажуваме дека безбедноста на граѓаните е загрозена и дека криминалците се подготвени и да убијат кога е во прашање пленот кој успеале да го приграбат при кражбите. Граѓанската опција за Македонија истакнува дека ова убиство не е ниту од етничка ниту од верска побуда, туку станува збор за криминален акт, што ја покажува охрабреноста на крадците да убијат кога нападнатите се обидуваат да се спротивстават и да се одбранат себеси и својот имот.“
На овој начин, лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, денеска на јавноста ѝ го пренесе партискиот став за вчерашните настани во Ѓорче Петров и за убиството на 18-годишниот Ангел Петковски, на конференцијата за печат свикана токму по повод овој немил настан.
Тој, покрај тоа, пред јавноста го отвори и прашањето за ненавремената реакција на институциите и надлежните органи.
– Се поставува прашање каде се институциите на Република Македонија? Зошто надлежните органи не реагирале, имајќи предвид дека оваа криминална група била регистрирана од полициските служби и повеќепати била дел од напади и физички пресметки со граѓани на Ѓорче Петров? Ова само покажува дека ниту полицијата, ниту останатите органи на прогонот, а ниту, пак, судството не наоѓаат начин да излезат на крај со криминалците, дел од субјективни, а дел и од објективни причини. Субјективните се однесуваат на лошото функционирање на институциите, а објективните се законските решенија со кои се врзуваат рацете на органите на прогонот. Одовде произлегува уште едно прашање: Дали и понатаму ќе се грижиме за правата на криминалците или ќе се грижиме за животите и имотите на чесните граѓани на Република Македонија? ГРОМ бара Владата итно да направи измени на законските решенија со кои ќе се зголемат овластувањата на полицијата во прогонот и спречувањето на криминалот, но, во исто време, да ги се зголемат драстично санкциите за криминалците кои очигледно „хараат“ низ Република Македонија.
-Чесните граѓани во земјава секојдневно имаат сè помалку спокој, а случајов покажа дека и младите стануваат жртви на тоа што државава е „Мека“ на криминалните банди. Секојдневно, покрај тоа, дознаваме за случаи во кои украденото од граѓаните никогаш и не им се враќа, па овој случај е вистински пример за тоа како граѓанинот се обидел сам да го заштити тоа што му припаѓа – заврши Јакимовски.