Постариот брат на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, 43-годишниот Ким Џонг-нам, слободно живее во странство, се појавува на јавни места и не се крие како што претходно се претпоставуваше, јави денеска јужнокорејската телевизија Вај-Ти-Ен.
Претходно овој месец Ким Џонг-нам беше фотографиран во еден познат ресторан во Џакарта, во продружба на две жени.
Телевизискиот канал тврди дека постариот брат на севернокорејскиот лидер, во последно време бил виден и во Сингапур, Малезија и Франција. Како негово постојано место на живеење се посочува Макао, каде се тврди дека тој има вила.
Некогаш тој беше сметан за потенцијален наследник на Ким Џонг-ил, но како што се тврди тој ја загубил довербата, откако во 2001 беше приведен при обид да влезе во Јапонија со фалсификувани документи, за да го посети токискиот Дизниленд. Јапонските власти тогаш го испратија најстариот син на Ким Џонг-ил во Кина.