Состојбата со поплавите во Славонија и натаму е тешка, а целиот железнички сообраќај во овој дел на Хрватска е во прекин, па патниците се превезуваат со автобуси согласно возниот ред на возовите.
Според хрватските власти, водостојот на реките е во пад. Нивото на Сава во Славонски Шамац е помало за десет сантиметри во однос на вчера. Во седум часот е забележано ниво од 1.074 сантимери.
Сава во Славонски Брод се намали за девет сантиметри (879), додека во Давор опадна за само два сантиметри (981) во однос на мерењето вчера во 23 часот.
Во Хрватска е потврдена и втора жртва на поплавите, откако едно тело е пронајдено во Рајево Село.
Принудната евакуација и натаму се спроведува. Генералот во вооружените сили на Хрватска, Драго Ловриќ изјави дека се евакуирани и последните 15 жители на Гуња и додаде дека ниту едно лице нема да биде оставено, а во моментов се работи и на спасување на стоката.
Војската подготвува план за санација на теренот по повлекувањето на водата, додаде Ловриќ.