Премиера на монодрамата „Последна шанса“ во МНТ

Од:

На малата сцена на Македонскиот народен театар задутревечер премиерно ќе биде изведена монодрамата „Последна шанса“ со актерката Весна Петрушевска. Синиша Евтимов е режисер на претставата, која е работена по текст со ист наслов на  српската авторка Мирјана Бобиќ-Мојсиловиќ.

На Евтимов и Петрушевска, кои соработуваа и за претставата  на МНТ од пред две години „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“, оваа монодрама им донесува нови искуства – Синиша првпат режира монодрама, а Весна првпат ќе игра машки лик (Геле), кој во оригиналниот текст е жена.

– Исклучително е тешко да се направи машки лик, природно дојде до градење на ликот. Не треба да се смени, да речеме, гласот, туку треба занаетските,  актерски алатки да се употребат во вистински контекст. Да не одиме на боење, туку на играње,  рече Петрушевска денеска на прес-конференција, зборувајќи за новиот актерски предизвик – да се трансформира за машка улога.

Режисерот Евтимов, кој ја избра и музиката  за претставата, рече дека ја прифатил идејата на Петрушевска за режија на овој текст, поради досегашната добра соработка.

– Уште не го разбирам жанрот монодрама, но е предизвик да работам непознато. Што се однесува до приказната, се работи за псевдореално шоу во кое еден кандидат треба да освои одреден број гласови  кај гледачите, претставуваји се себеси во обидот да пронајде сопруга. Совршен почеток за секое реално шоу и неговите безбројни дегенерирани и мутирани нус-појави…, рече Евтимов.

Текстот е напишан пред седум години. Бобиќ-Мојсиловиќ е авторка на десет романи, книги есеи и драмски текстови, и долго работела како новинарка и колумнистка и водителка на ТВ-емисии. Нејзините драми, како „Верица меѓу сливите“, „Солзите се О.К.“, „Имитација на животот“… се поставувани во театрите низ Србија.

Би можело да ве интересира

Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“

Џенкинс: Да ги надминеме традиционалните сценски простори, да се вклучиме во заедниците

Љутков: На Велес му го враќаме театарот во неговата вистинска институционална форма

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он