Центарот за изведувачки уметности „Мултимедиа“ организира конференција насловена „Културлог“ која ќе се одржи од 19 до 21 мај во Скопје.
„Постојат огромни, пред сé, меѓународни, напори инвестирани во ЕУ интеграцијата на регионот. Сепак, повеќето од нив се однесуваат на социјални, политички и економски приоритети. Иако културните политики на Балканот имаат за цел да придонесат кон промоција на различностите и интеркултурниот дијалог, оваа цел не се остварува систематски и координирано, особено во нејзината регионална димензија“, се наведува во извештајот од проектот “Евалуација на културните политики и програмите финансирани од ЕУ како промотори на културна разноликост и интеркултурен дијалог на Балканот” на Центарот за изведувачки уметности „Мултимедиа“.
Централниот настан е на 20 мај (вторник) во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, каде своите искуства, тези и препораки ќе ги претстават повеќе од 20 интелектуалци од Балканот и од Европа.
Меѓу учесниците се релевантни имиња од културата на Балканот и Европа, како добитникот на наградата на Европската фондација за култура – Хрватот Теодор Целакоски, дипломатскиот претставник на aвстриското Министерство за образоание, уметност и култура, Готфрид Вагнер, професорката по културен менаџмент Милена Драгичевиќ – Шешиќ, холандскиот писател Крис Колеманс, како и претставниците од земјава, Маја Мухиќ, Билјана Тануровска – Ќулавковски, Артан Садику и други. Тие ќе отворат повеќе прашања за интеркултурниот дијалог и соработка, предизвиците на разновидноста, улогата на уметноста и на културата во овие рамки.
Конференцијата ќе отвори и теми за врските помеѓу политиката и интеркултурната соработка, иницирањето договори помеѓу креаторите на политиката и политичарите за препознавањето и политичката употреба на интеркултурниот дијалог, а ќе понуди и препораки со кои би се подобрило влијанието на културните политики и програми за културната разновидност во регионов.
Конференцијата се очекува да послужи како платформа за размена на создадените нови знаења, пристапи и перспективи на политиките на културна разновидност.
-Активностите на проектот имаат за цел да придонесат кон посистематска и сеопфатна анализа и споделување на постојните податоци за културните политики и програми кои се однесуваат на промовирање на културната разноликост и интеркултурниот дијалог во регионот. Ова се постигнува преку комуникација помеѓу засегнатите страни и преку создавање на регионална база на знаење каде што сите постоечки податоци може да се чуваат, организирани и ставени на располагање за споделување и ширење. Резултат од овој проект е е веб порталот www.kulturlogue.org, кој е важен производ на проектот, но исто така и евалуацискиот извештај за влијанието на културните политики и програми на разновидност и интеркултурен дијалог во регионот, вели Виолета Симјановска, извршна директорка на „Мултимедиа“.
Во суштина, „Културлог“ е завршна активност на проектот “Евалуација на културните политики и програмите финансирани од ЕУ како промотори на културна разноликост и интеркултурен дијалог на Балканот”. Овој проект мапираше и истражуваше културни политики, стратегии и голем број проекти кои се занимаваат со интеркултурниот дијалог во повеќе земји, а наодите вклучуваат студии на случај, компаративни анализи на културните политики и програми, мапирање на проекти кои се занимавале со оваа тематика, како и случаи на добри практики.
Општата цел е да се зголеми влијанието на културните политики за промовирање на културната разновидност и интер културниот дијалог во пет држави на Балканот/Југоисточна Европа, и тоа: Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, споделувајќи и искуства со земја од ЕУ – Австрија.
Од „Мултимедиа“ нагласуваат дека балканскиот регион е често нарекуван „мултикултурна мешавина“:
– Недостатокот на почит и признавање на оваа разновидност доведе на моменти (меѓу кои и неодамна) до трансформација на оваа мешавина во „буре барут“. И покрај историјата на судири на културите во регионот на 1990-тите години, токму културната хетерогеност е најпрепознатливата идентитетска црта на овој регион.
Конференцијата го одбележува крајот на двегодишниот проект, кој го иницираше „Мултимедиа“, со партнерите Австрискиот интернационален архив за културна анализа „Културдокументцион“ од Виена и „Акцијa“ од Сараево, а кој е помогнат од ЕУ Програмата Култура 2007-2013, Министерството за култура на Република Македонија, Фондација Отворено општество – Македонија и Швајцарската програма за култура во Западен Балкан.
А.Б.