Првиот Скопски цветен фестивал, кој се одржува денеска и утре во Градскиот парк привлече голем број посетители, а од Градот Скопје очекуваат уште поголем интерес во текот на утрешниот ден.
Фестивалот на цвеќето почна денеска со цветно дефиле во кое учествуваа околу 500 деца, а кое тргна од плоштадот „Македонија“ и се движеше кон Градскиот парк. Се организираат различни работилници за тоа како правилно да се садат и негуваат цвеќињата, како да направат цветен аранжман, како да изработат цветно оригами…
Студенти од Технолошко-металуршкиот факултет, пак, подготвуваат креации инспирирани од цвеќе.
Познати цвеќари и фирми за хортикултурно и пејсажно уредување во дел од овој простор изведуваат мини градини. Во оваа зона своите вештини ги покажуваат стручни лица од ЈП „Паркови и зеленило“, Шумарскиот факултет, СУГС „Ѓорѓи Димитров“, Греен планет, Хортиексперт, Хорти дизајн, Маган мак, Биропроект, Китка Плант фарма и други.
На првиот Скопски цветен фестивал граѓаните можат и да купат цвеќе по намалени цени и тоа: сезонско цвеќе (Импатиенс, салвија, бегониа, петуниа…) од 25 денари, резан цвет (роза, гербера, кала, хризантема,…) од 40 денари, саксиско цвеќе од 95 денари, цветни аранжмани и букети од 100 денари.