Околу стотина основци од ООУ „Владо Тасевски“, денеска, го одбележаа Денот на револуција во исхраната, што го организира Фондацијата за Храна на познатиот британски готвач Џејми Оливер. Во рамките на своето училиште, учениците од „Владо Тасевски“ ја подготвија зеленчуковата палачинка „виножито“ според рецептот на светски реномираниот гастроном.
Поддржани од општина Карпош, во соработка со компанијата „Тинекс“ која ги обезбеди потребните прехранбени продукти, на настанот присуствуваа многу волонтери, наставници поддржувачи, родители и деца кои заедно станаа дел од оваа глобална иницијатива.
-Нашето училиште на територија на локалната самоуправа, е првото кое се приклучува кон Денот на револуција во исхраната. Тоа го сторивме заради здравјето на нашите ученици. Со овој чекор ги исполнуваме нормативите кои се пропишани од Министерството за образование. Тоа подразбира, водење грижа за тоа каква храна треба да има во училиштата, какви продукти треба децата да конзумираат и пред сé, влијанието врз свеста кај помладите, со цел здравата исхрана да стане дел од нивните животни навики – истакна директорката на ООУ ,,Владо Тасевски’’, Елка Даскалова.
Таа објасни дека оваа пракса ќе продолжи кај останатите девет училишта и градинки од општина Карпош, бидејќи според неа, свеста не се гради само во едно училиште, туку на територија на цела локална самоуправа.
На светско ниво, сите амбасадори, во рок од 24 часа ќе се обидат да влијаат глобално за промена на перцепцијата кон здравата исхрана, а рецептот на Џејми Оливер за здравата зеленчукова палачинка ,,виножито’’ ќе се приготвува во повеќе земји. Платформата ,,револуција во исхраната’’ (Food Revolution ), e основана во 2010 година, од страна на Џејми Оливер како кампања и борба против епидемијата од дебелина и болести чиј причинител е исхраната.
Tаа претставува движење што овозможува луѓето кои сакаат добра и здрава храна да дојдат и заедно да споделат информации, да го пренесат своето знаење и вештини и со тоа да придонесат за оживување на традиционалните погледи за приготвување на храната. Идејата е да се создаде едно светско движење, кое ќе инспирира промени во навиките во исхраната на луѓето, притоа промовирајќи ја мисијата за подобра храна и едукација, за важноста на храната на сите заедници и возрасти.
– Денеска се наоѓаме во ООУ ,,Владо Тасевски’’ каде со помош на учениците ќе ја приготвиме омилената зеленчукова салата на Џејми Оливер, која ќе биде приготвена истовремено, во 72 земји ширум светот. Салатата ,,виножито’’ е избрана поради своите здрави состојки и се надеваме дека на тој начин ќе придонесеме децата да ја сменат својата перцепција за важноста на она што треба да го конзумираат во исхраната – посочи амбасадорката на Фондацијата за Храна на Џејми Оливер во Македонија, Маја Лазаревска.
И покрај тоа што главниот фокус ќе биде на децата, не е целта само тие да бидат вклучени во оваа иницијатива. Како и претходните години, целта е „амбасадорите на Џејми Оливер“ да ги поттикнат членовите на заедницата да организираат настани дома, во училиштата, на работа и во пошироката заедница со фокус на добрата и здрава храна.