Набљудувачи на ОН во Украина утврдиле алармантно влошување на состојбата на човековите права во земјата и појавата на сериозни проблеми на Крим, изјави денеска Високиот комесар на ОН за човекови права Нави Пилај.
Во изјавата, таа вели дека „оние кои имаат влијание врз вооружените групи, одговорни за поголем дел од насилството во Источна Украина, треба да направат се што е можно да ги запрат тие луѓе да не ја расцепуваат земјата на делови“.
Таа додаде дека набљудувачите на ОН се обидуваат да ги проверат наводите за убиства и повредени луѓе, извршени од украинските владини сили. Освен тоа, набљудувачи стравуваат за безбедноста на кандидатите на претседателските избори на 25 мај, рече Пилај.
Во извештајот се набројуваат „конкретни примери на убиства, мачења, киднапирања, малтретирања и некои случаи на сексуални напади, извршувани од добро организирани и вооружени антивладини групи во источниот дел на земјата“.
Во документот се осудува исто така „малтретирањето“ и „прогонувањето“ на кримските татари на Крим.
Во периодот од 2 април до 6 мај во Украина исчезнале 83 лица, вклучувајќи четири жени, се наведува во извештајот.