Кризата во Украина – пресвртница за ЕУ

Од:

Кризите се користат за да се спроведат промени. Кризата на еврото во Европската унија донесе банкарска унија и со тоа ја разви интеграцијата. Дали кризата во Украина долгорочно ќе ја промени ЕУ?

Кога се работи за енергијата, државите во Европа не сакаат некој да им се меша во работата. Кога Германија по нуклеарната катастрофа во Фукушима се одлучи брзо да се прости од нуклеарната енергија, нејзините соседи таа одлука можеа само да ја примат на знаење, бидејќи прашањето за енергијата во ЕУ во голем дел е работа на државните влади.

Сепак, првата долгорочна последица од кризата во Украина може да биде, потесна соработка на Европјаните по тоа прашање. Откако полскиот премиер Доналд Туск ја наведе енергетската унија, значајно се разви дискусија за тоа како да се намали зависноста од рускиот гас и нафта. Туск меѓу другото говореше за заеднички договори на ЕУ со Гаспром, но таа енергетска унија би можела да оди и чекор подалеку. Гунтрам Волф, шеф на бриселскиот труст на мозоци Бројгел, мисли на големи инвестиции во европската енергетска инфраструктура. – Би се создало нешто што е во европски интерес. Тој смета дека со еден удар би се убиле две муви; проектот би бил симбол на крајот на политиката на штедење, а и граѓаните така можеби повторно би верувале во ЕУ.

Посилна европска интеграција како еден вид објава на војна на Москва

Идејата на Доналд Туск за енергетска унија наиде на одобрување не само кај експертите и партиите во Европа, туку и кај многу шефови на влади и држави. Комесарот за енергија Гинтер Етингер на самитот на ЕУ во јуни ќе ги претстави првите планови за проектот Енергетска унија. Можната содржина: ширење на мрежата за гасовод и единствена цена за рускиот гас.

Јан Техау, шеф на трустот на мозоци Карнеги Европа, вели дека украинската криза ќе доведе до посилни европски интеграции пред се на подрачјето на енергијата. – Тоа можеби нема веднаш да доведе до единствена енергетска политика, но во секој случај до огромни инвестиции и намалена зависност од Русија.

Освен тоа ќе има и други долгорочни промени, вели тој. Судирот со Русија јасно покажа дека исчезна илузијата на Европјаните дека соработката со источните соседи може да се врши без притисок. Техау вели дека Брисел политиката за соработка со соседите повеќе не смее да ја третира како технички проект, туку како геополитички потфат. Значи, Европа мора многу повеќе да се позабави со класичната политика на моќ. – Русите токму тоа ни го покажаа, дека политиката на моќ, воена закана, уцени и сите тие работи ќе бидат инструменти на политиката.

Европска војска – неостварен сон?

Воениот судир во соседството и загрозувањето на сопствените граници, многу граѓани на ЕУ тоа искуство ги изненади. ЕУ државите додуша не можат со скрстени раце да го гледаат развојот на настаните, но од почетокот на кризата во Украина сепак не може да се слушне ниту еден збор за заедничка европска безбедносна и одбранбена политика. Во програмите на големите народни партии за изборите за Европскиот парламент, додуша можат да се најдат назнаки за воспоставување на европска војска, но Техау е скептичен: – Тоа е сон, кој долго нема да се реализира.

Тој вели дека  Европската безбедносна и одбранбена политика е еден од губитниците во украинската криза. – НАТО доби поттик, но не и Европа.

Погледот на текот на кризата, му дава за право. Контролата над воздушниот простор над Балтикот ја презема и ја засили НАТО. И секако дека во прв ред се САД, како водечка сила на НАТО, кои на државите на источна Европа на крај гарантираат заштита од Русија.
Безбедноста, заплашувањето, воената присутност: ретко каде во Европа, со толкава загриженост се расправа по тоа прашање како во балтичките држави. – Во текот на кризата се виде дека внатре во ЕУ, еден дел многу тешко може да се обедини по различните претстави, геостратешките ставови и историските искуства – вели Јанис Еманоуилидис, директор на центарот Еуропиан Полиси во Брисел.

Моментално Европа е согласна, но колку подолго ќе трае конфликтот, потешко ќе биде да се зачува единството.

Нова поделба на Европа

Тоа за кое зборува Еманоулидис е различна перцепција на кризата во ЕУ. Додека граѓаните на земјите на Балтикот, Полска и скандинавските земји се многу загрижени за својата безбедност, Германците, Холанѓаните или Французите се многу поопуштени. Според ставот на Јан Техау, по војната во Ирак во 2003 година, видлива е една нова поделба на Европа: меѓутоа, денес, повеќе меѓу истокот и југот на континентот. Притоа, се работи за опипливи финансиски интереси: – Европската унија во рамки на својата политика со соседите издвојува две третини донаторски средства за Југот, една третина за Истокот. Европските средоземни земји Шпанија, Италија и Грција не сакаат да се повлекуваат пари од Средоземјето, за да се помогне на Истокот.

За Германија таа поделба е голем товар. Техау вели: – Германија мора да води, мора да зрачи смиреност, мора на источните партнери да даде чувство на безбедност. Тоа тешко им паѓа на Германците, кои секогаш имаат слабост кон Русите и кои поради тоа гледаат попреку.

Но, Берлин како што сметаат многу партнери, е неодлучен и испраќа различни сигнали, за разлика од консеквентниот став во текот на кризата на еврото: – Канцеларката се уште релативно е силна, но во една германско многу скептично опкружување, кое по секоја цена сака да го спречи судирот со Русија. А тоа не е во согласност со европските и политичките обврски кон НАТО.

Значи, Германија поради своите економско-политички врски со Русија, на крај може да биде не само економски губитник од украинската криза, туку да го изгуби и политичкото влијание во Европската унија.

Дојче веле – Бон

Би можело да ве интересира

Со предавање за Европската конвенција за човекови права започна Школата за јавни политики „Мајка Тереза“

Мицкоски: Владата никогаш нема да отстапи од членството во ЕУ, но без дополнителни понижувања и отстапки

Предраг Петровиќ

„Еуроњуз“: Зошто обновените тензии со соседите ја закочија Северна Македонија во ЕУ?

(ВИДЕО) Гранатирана е зграда на СБУ во која имало офицери на НАТО, досега се потврдени 15 починати странци

Песков: Неопходни се корекции на нуклеарната политика поради ескалацијата на тензиите

Руската воздушна одбрана синоќа уништи 125 украински беспилотни летала