Претставници на Иран и на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска во Виена разговараа за проширување на преговорите за нуклеарната програма на Техеран.
Средбата се случи еден ден пред обновувањето на преговорите меѓу Иран и шестте нуклеарни сили. По средбата немаше изјави, само портпаролот на МААЕ наведе дека не е договорена дата за нови разговори во тој формат.
Според договорот меѓу Иран и МААЕ постигнат во ноември минатата година Техеран требаше да преземе седум чекори до 15 мај, како и да обезбеди поголем пристап на инспекторите од МААЕ до нуклеарните објекти. Иран тврди дека ги исполнил седумте мерки, но МААЕ бара дополнителна информација за брзодејствувачките детонатори, кои можат да се користат и во воени и во цивилни цели.
Целта на преговорите меѓу Иран и шесте сили во Виена е да се постигне договор со кој Техеран би ја ограничал нуклеарната програма во замена за укинување на меѓународните санкции.