Белата куќа најави дека за 10 дена американскиот потпретседател Џо Бајден ќе го посети Кипар, каде ќе се обиде да ги поттикне разговорите меѓу лидерите на кипарските Турци и Грци за обединување на островот.
Ккао што јави дописникот на МИА од Вашингтон, ова е американска посета на Кипар на највисоко ниво во изминатиот половина век.
Според најавата, Бајден ќе има одделни средби со лидерите на двете заедници, Дервиш Ероглу и Никос Анастасијадис, на кои ќе го испита напредокот постигнат откако разговорите за рашавање на спорот се интензивираа во изминатите шест месеци, во текот на кои Кипар го посетија и државниот секретар Џон Кери и неговата помошничка за Европа Викторија Нуланд.
Двете страни работат на договор за нормализирање на повеќе практични прашања, како што се економската размена и минувањето на границата, пред да се зафатат на уредувањето на идната држава која би требало да биде федерација составена од два дела, откако земјата е поделена веќе 40 години.
Во 2004 година, по приемот на Кипар во Европската Унија, кипарските Грци преку референдум го отфрлија договорот постигнат со посредство на Обединетите нации, кои кипарските Турци веќе го прифатија. Но, овојпат постигнувањето на договор се смета за неопходно, со цел кипарските Грци да можат да ги експлоатираат резервите на нафта и гас кои се смета дека се наоѓаат во Средоземно Море, јужно од нивниот дел на островот.
Досегашниот посредник на Обединетите нации во разговорите за Кипар, австралискиот дипломат Александар Даунер, се повлече од оваа позиција на почетокот на годинава. Американскиот дипломат Џефри Фелтман, кој како заменик генерален секретар на Обединетите нации неколку пати учествуваше и во разговорите за спорот за името меѓу Македонија и Грција, минатата недела исто така престојуваше во Кипар на средби со турската и грчката заедница.
Најавата на Белата куќа се совпадна со одлуката на Европскиот суд на правдата, кој денес пресуди дека Анкара треба да плати 90 милиони евра отштета поради воената акција во 1974 година, со која Турција ја презеде контролата над северниот дел на островот.