Европската унија продолжува да се надева на деескалација на ситуацијата во Украина, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, пренесува ИТАР-ТАСС.
– Продолжуваме да очекуваме знаци на реална деескалација, изјави Ештон при пристигнувањето за средбата на министрите за надворешни работи на 28-те земји членки на ЕУ денеска во Брисел.
Министрите на ЕУ ќе разговараат за ситуацијата во Украина и соодветноста на дополнителните санкции против Русија.
Ештон додаде дека донекаде е охрабрена од резултатите во преговорите во Москва меѓу рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на ОБСЕ Дидие Буркхалтер, кој ќе учествува на денешната министерска средба.
По преговорите во Москва Буркхалтер изјави дека ОБСЕ ќе предложи патокази за уредување на кризата меѓу четирите страни, потписнички на Женевскиот договор.