Бројот на милијардери кои живеат во Велика Британија првпат во историјата надмина сто луѓе, покажува годинешнава листа на илјада најбогати, што традиционално ја објавува неделникот „Сандеј Тајмс“.
Годинава на листата има 104 лица со богатство поголемо од една милијарда фунти, па сите тие заедно располагаат со 301 милијарда фунти. На годинешнава листа на најбогатите во Велика Британија за една година бројот на милијардерите е зголемен за 16. На минатогодишната листа имаше 88 милијардери.
Најголемиот број од овие луѓе живеат во Лондон, дури 72, што го прави британскиот главен град „најбогат“ во светот според бројот на милијардери во едно место. Далеку зад Лондон на втората позиција е Москва со 48 милијардери.
На првото место на супер богатите во Велика Британија се браќата Сри и Гопи Хиндуџа, основачи и сопственици на „Хиндуџа Груп“, со вкупно богатство од 11,9 милијарди фунти. Според составувачите на листата, богатството на Индијците за една година е зголемено за 1,3 милијарди фунти.
Втор на листата е рускиот олигарх Алишер Усмаров, главен акционер на лондонскиот фудбалски клуб „Арсенал“, со 10,6 милијарди фунти. Лани тој беше на првото место.
На трето место е индискиот бизнисмен и „крал на челикот“ Лакшми Митал со 10,2 милијарди фунти.
Едно време најбогатиот и секоја година при врвот Роман Абрамович, сопственик на лондонски „Челзи“, оваа година е на деветото место, иако и натаму останува со големо богатство од 8,5 милијарди фунти.
На годинешнава листа меѓу првите 25 најбогати луѓе кои живеат во Велика Британија првпат има само двајца Руси.
Најбогат роден Британец на листата и натаму е војводата од Вестминстер. Тој годинава е рангиран како десетти со богатсво од 8,5 милијарди фунти, главно од недвижниот имот со кои располага како сопственик на голем дел од земјиштето во центарот на Лондон.