Со извонреден сплет од балкански народни танци, денеска, на кејот на реката Вардар, се одржа четвртиот по ред Меѓународен детски фолклорен фестивал „Разиграни фолклористи“.
Ансамблот за народни песни и ора „Фолклорна фантазија“, во соработка со Општина Карпош, уште еднаш успешно ја организира оваа веќе традиционална манифестација, чија цел е негувањето и продолжувањето на вековните традиции со нивно всадување во интересите на најмладите генерации.
Годинава на фестивалот учество зедоа ансамбли од земјава, од Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина. Манифестацијата свечено ја отворија најмладите карпошани, децата од градинките на територијата на Општината кои се ученици на фолклорната школа. Многу насмевки и силен аплауз го засведочија нивниот беспрекорен настап, а по нив, свои настапи во рамките на свечената програма остварија и КУЗ „Фолклористи“ од Крива Паланка, Ансамблот „Никола Јонков Вапцаров“, КУД „Рудар“ од Одугљевиќ – Босна и Херцеговина, ФА „Бучим“ од Радовиш, Ансамблот „Кочо Рацин“, КУД „Карпош“ од Куманово, КУД „Ѓеновиќи“ од Херцег Нови – Црна Гора, ФА „Тиквеш“ од Кавадарци, Ансамбл „Фолклорни бисери“, ЦЕМФ „Митеви“, Фолклорен ансамбл при Дом на култура од Пријеполје – Србија и КУД „Григор Прличев“.