– Бугарија е адвокат и голем пријател на сите земји од Западниот Балкан. Ние го поддржуваме европскиот пат и НАТО интеграциите на сите земји. Во 1999 година меѓу Македонија и Бугарија имаше декларација за добрососедски односи. Тоа беше едноставен, но, добар документ на две страници во кој се велеше дека двете земји историски нешто заеднички направиле. За жал, денешната Влада во Македонија овој документ го прогласи како неважечки . И кажа – ова не е за нас! – изјави претседателот на Бугарија, Росен Плевнелиев во изјава за Дојче Веле.
Тој вели дека Бугарија се залага за добар договор за добрососедски односи – ништо повеќе, ниту помалку. Според Плевнелиев, неразбирливо е зошто властите во Скопје се откажале од добрата декларација за добрососедски односи.
– Тоа е стандарден документ кој може да се состави во неколку часа. Ние исто така велиме дека потпишувањето на старата декларација за добрососедските односи може да го има истиот ефект. Ние сме тука, ние ја даваме поддршката дење и ноќе. Ние сме голем пријател, ја гледаме иднината на Македонија која е исклучително значајна за Балканот. Но, ве молиме пристапете кон основите на модерната дипломатија. Да започнеме со добрососедството!“, кажа на конференција за печат во Берлин претседателот на Бугарија Росен Плевнелиев.
Повод за конференцијата за печат која се оддржа во седиштето на сојузното новинарско здружение (Бундеспресеконференц) беше презентирањето на можните влијанија на кризата на Крим врз Западниот Балкан. Плевнелиев како одговор за спречување на ризиците од прелевањето на кризата го истакна значењето на регинот за Европа, на кој не смее да се гледа како на периферија. Затоа, подвлече, значајно е неговото интегрирање во ЕУ.