Македонската одбојкарска репрезентација денеска против Азербејџан во Струмица ги почнува претквалификациите за Европското првенство 2015 година. Во групата 3 покрај овие две селекции се уште и репрезентациите на Грузија и на Шведска, овие две селекции и ќе го отворат турнирот.
Селекторот на Македонија, Жарко Ристоски дури на денешниот прв натпревар ќе го има комплетниот состав на располагање. Поради повреда отпадна Ристо Клопчевски, а во составот ќе биде Ѓоко Јосифов, кој отсуствуваше од подготовките поради повреда.
-Очекувам неизвесен турнир. Играме на домашен терен и во добра атмосфера и со поддршка од трибините мислам дека можеме да го постигнеме посакуваното, да се избори пласман во следната фаза – изјави Ристоски.
Пласман во следната фаза ќе избори најдобрата репрезентација од групата, како и втората најдобропласирана од трите претквалификациски групи (вкупно четири селекции ќе продолжат во следната фаза).
Натпреварите во Струмица се играат во салата „Парк“, а дуелите на Македонија против сите селекции почнуваат во 18 часот и се играат од денеска до недела.