Српскиот филм „Атомски од десно“ на режисерот Срѓан Драгојевиќ во кој главните улоги ги толкуваат Срѓан Тодоровиќ, Тања Рибуќ, Бојан Навојец, Бранко Ѓуриќ, Мира Бањац и други, в недела на 11 мај премиерно ќе биде емитуван во големата 3Д кино сала во Битола.
Филмот на сатиричен начин го опишува функционирањето на народите од поранешните југословенски простори во поствоениот период.
Националната установа Центар за култура – Битола информира дека на премиерата ќе присуствуваат дел од актерите, продуцентката Билјана Првановиќ и режисерот Драгојевиќ.
– За нашата публика посебно е значајно што на сцената ќе може да го види мајсторот на филмската уметност, култниот Срѓан Драгојевиќ, соопшти битолскиот Центар за култура.
По култните „Ние не сме ангели”, „Рани”, „Убавите села, убаво горат” и последното комично филмско остварување „Парада“, српскиот Драгојевиќ ни го презентира филмот – „Атомски од десно“.