На патниот правец Кратово – Пробиштип, на околу 100 метри за излез од Кратово, има забрана за товарни моторни возила и автобуси, додека сообраќајот за патнички моторни возила се одвива наизменично.
Како што информира АМСМ, на патниот правец Радовиш – Конче (Р-2433), на 11-тиот километар има свлечиште, поради што сообраќајот се одвива по една коловозна лента. За таа цел поставена е соодветна сообраќајна сигнализација. На овој патен правец е воведена забрана за движење на тешки товарни возила.
Сообраќајот на сите останати државни патишта во Македонија се одвива без забрани и застои, по суви коловози.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Берово – Виница, каде е можна почеста појава на одрони.
Поради извршување градежни работи за реконструкција и санација на мост на реката Брегалница, кај селото Долни Балван, општина Карбинци, се забранува сообраќајот во двата правци по локалниот пат село Долни Балван – село Таринци од 14 јануари до завршување на реконструкцијата на мостот.
Од 1 април годинава воведени се нови термини за насоката на движење на патниот правец кој го поврзува Скопје со Македонски брод низ НП Јасен. Во правец од Скопје кон Македонски Брод сообраќајот се одвива од 6:30 до 9 и од 16 до 18 часот, а во правец од Македонски Брод кон Скопје сообраќајот се одвива од 5 до 6 и од 18:30 до 20 часот.