Вселенските мустаќи повторно се вперени во вселената, што значи Дали е жив. Потврда за тоа е и овој настан, рече Силвиа Монрос де Стојаковиќ, писателка и добар познавач на животот и делото на големиот шпански уметник, на отворањето на изложбата Салвадор Дали – графики и скулптури, во галеријата Остен.
Бројните посетители ги видоа делата од колекцијата на Остен што го носат потписот на големиот мајстор: 14 графики, еден цртеж, две скулптури и шест керамички плочки дизајнирани од Дали. Притоа, се потврдија зборовите на Силвиа Монрос де Стојаковиќ: „Дали е мост, како Камениот Мост во Скопје. Ги поврзува најдобрата, ненадмината уметност, со современите достигнувања во уметноста, кои денес го користат и компјутерот. А, сите тие правци во современата уметност, всушност ги најавил Дали“.
„Има два повода за оваа изложба. Одбележување на Денот на Европа, што е практика на Остен, и 25 години од смртта на Салвадор Дали. Затоа, овој настан се реализира со поддршка на Делегацијата на Европската унија, Општина центар и на Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје“, рече извршниот директор на Остен, Корнелија Конеска. Таа појасни дека меѓу националните збирки што ги поседува Остен, шпанската е меѓу побогатите. Ја сочинуваат 233 дела од 49 автори. Воедно, на шпанскиот амбасадор Фернандо де Галаинена Родригез му врачи сертификат од Музејот на цртеж со листа на уметниците од националната колекција на Шпанија. Зборувајќи за придонесот што Шпанците го даваат во рамки на светската уметност, Конеска посочи дека на Остен Биеналето на цртеж во 2010. наградата Светско културно наследство му била доделена на Пабло Пикасо, а годинава тоа признание ќе го понесе Џоан Миро.
Инаку, според Монрос, основен мотив на Спасителот (Салвадор и на шпански и на каталонски значи спасител) биле штаките. Како што појасни, воден од својата луцидност, на отворањето на своите изложби тој канел луѓе со штаки, кои со своите движења требало да створат привид дека има поголема турканица. Но, додаде, „посетители секогаш имало многу, како што има и сега, на оваа изложба“. На отворањето, меѓу многубројните гости беа шпанскиот амбасадор и шефот на Делегацијата на ЕУ, Аиво Орав.
Изложбата ќе биде отворена до 27 мај, и тоа, во работните денови од 10 до 17, а во сабота од 10 до 13 часот.