Лидерот на сеирската партија Шин Феин, Џери Адамс е обвинет дека ги „заплашувал“ членовите на семејството Меконвил да не го откриваат идентитетот на убијците на нивната мајка, ликвидирана од ИРА во 1972 година, откако погрешно била обвинета дека е шпион на британската војска во Северна Ирска.
Синот на убиената жена, Мајкл Меконвил сега тврди дека Адамс, пред неколку години го предупредил на „можните последици“, доколку тој или некој друг од семејството, ги откријат имињата на луѓето за кои тие веруваат дека учествувале во грабнувањето и убиството.
Џин Меконвил (37) вдовица и мајка на десет деца, пред 42 години, е грабната од нејзината куќа во Белфаст од припадници на паравоената Ирска републиканска армија (ИРА) и одведена на тајна локација. Таму е испрашувана, „осудена“ како шпион и ликвидирана.
Нејзиното тело беше откриено во 2003 година, на една плажа во Република Ирска. Таа е една од дестината лица што се уште се водат како „исчезнати“, а нивните случаи се отворени и неразрешени по „мрачните години“ на Северна Ирска исполнети со насилство, војување и убивање меѓу северноирските католици републиканци и протестантите унионисти.
Нејзиниот случај беше повод минатата недела полицијата да го уапси Џери Адамс, откако еден поранешен припадник на ИРА го посочил лидерот на Шин Феин како „активно вклучен“ во убиството на жената. Адамс беше четири дена интензивно испрашуван, а во неделата вечерта беше ослободен од притворот без да биде обвинет.
Полицијата настојувала да покрене обвинување за него, само врз основата на неговата припадност во младоста, но се откажала од тоа, затоа што сознанијата што ги има се премногу слаби за да може да се бранат на евентуално судење.
По ослободувањето на Адамс, децата на Џин Меконвил најавија дека „уште посилно од досега ќе продолжат да трагаат по вистината за смртта на нивната мајка“.
Синот Мајкл Меконвил за британските медиуми го откри разговорот што со него го имал Адамс, кој во еден момент му рекол: „Ти имаш добиено писмо со поддршка од републиканците. Ако ги откриеш имињата (на грабнувачите и убијците) верувам дека си подготвен и за последиците од таквиот потег“.
Според Мајкл Меконвил, ваквите зборови на Адамс, семејството ги смета за заплашување, но тој и неговата сестра најавуваат дека повеќе нема да молчат и дека ќе и ги откријат на северноирската полиција луѓето за кои тие веруваат дека се виновни.
Откривањето на деталите од разговорот, од пред неколку години, доаѓа по изјавата на Адамс по ослободувањето во која тој одново нагласи дека нема ништо со убиството на Џин Меконвил.
– Јас и давам силна поддршка на полицијата на Северна Ирска да ја открие вистината и затоа самиот отидов за да дадам изјава, но ИРА повеќе не постои, тоа е минато и работата е завршена, рече тогаш Џери Адамс.