Шефот на француската дипломатија Лоран Фабиус смета дека Москва има „несфатливи противречности“, бидејќи се спротиставува на претседателските избори на 25 мај во Украина, но ги поддржува тие на 3 јуни во Сирија, јави дописникот на МИА од Париз.
Во денешното интервју за националното радио Франс Интер, Фабиус ги спореди состојбите во двете земји, нагласувајќи дека целта е да се намали ескалацијата во Украина и да се подготват претседателските избори на 25 мај.
– Кога имаме ситуација од која сакаме да излеземе по демократски пат, потребно е да се оди на избори. Јас, патем забележувам несфатлива противречност на нашите руски партнери. Од една страна тие велат „не треба да има избори во Украина“, кога тие се излезот кон мирот, а од друга страна во Сирија, каде има војна и каде има 150.000 загинати, на почетокот од јуни потребно е да се гласа за Башар ел Асад, изјави Лоран Фабиус.
Според шефот на француската дипломатија, ако не се одржат изборите во Украина на 25 мај, со оглед дека претседателските избори се нормален излез од кризата, тогаш ЕУ може да премине на третата фаза од санкциите кон Русија.