Светската награда на УНЕСКО за слобода на печатот „Гилермо Кано“ за 2014 година вчера му беше врачена на турски новинар Ахмет Шак, кому во Турција му се суди за заговор против Владата, пренесоа француските медиуми.
Како жесток заштитник на човековите права, овој независен новинар на возраст од 44 години, „во своите статии ја разобличува корупцијата, прекршувањата на слободата на изразување и на човековите права“, се наведува во образложението на УНЕСКО.
Како новинар со голем авторитет во Турција, Ахмет Шак во март 2011 година беше уапсен заедно со уште десет лица, меѓу кои и неговиот колега Недим Шенер, лауреатот на наградата на Меѓународниот институт за печат во 2010 година. Двајцата новинари беа обвинети за помагање на мрежата Ергенекон, осомничена дека сака да ја собори исламско-конзервативната турска Влада, и беа ослободени по една година притвор, но се наоѓаат под закана 15 години затвор.
Добивајќи ја вчера во Париз наградата од генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, Ахмет Шак изјави: „Несомнено многу колеги, во Турција или во другите земји, ја заслужаваат повеќе од мене. Некои од нив го загубија и својот живот, други ја загубија својата слобода. Затоа оваа награда е за сите мои пријатели“.
Светската награда на УНЕСКО за слобода на печатот „Гилермо Кано“, што е проследена со премија од 25.000 долари, беше создадена во 1997 година и има за цел да ја одликува работата на личност или на организација со значителен придонес во заштитата на слободата на изразување каде и да е низ светот, особено ако таа личност или организација презеле ризици во својата работа.