Вашите деца се расправаат штом ќе се погледнат? И најмалото нешто е повод за туркање? Нема заеднички оброк без расправии? Во што е проблемот и како да се реагира?
Усогласете се со партнерот
Разговарајте со партнерот и усогласете се во старт како ќе се однесувате во случај на конфликт. Вашите деца брзо гледаат ако имате различни ставови и тоа ќе го искористат за себе. Може и да манипулираат со вас.
Однесувајте се неутрално
Не можете да откриете кој почнал, кој за што е виновен и кој прв почнал да провоцира? За почеток најмалото дете не е автоматски беспомошно, а тој кој најмногу плаче веројатно е виновен. Не заземајте страна, туку помогнете на децата во наоѓање на мирно решение и разбудете го разбирањето за другиот. Не се мешајте како полицаец, туку бидете посредник.
Избегнете да споредувате
Ако го споредувате детето со другото дете, така го зголемувате ривалството меѓу нив. Затоа избегнувајте коментари како – Сестра ти цело време беше добра, зошто и ти не си? – така само ќе предизвикате уште поголема расправија.
Не барајте хиерархија
Ако меѓу децата одредите шеф, тогаш другите деца автоматски ќе се постават против и така ќе имате константи расправии.
Потенцирајте ги индивидуалните силни страни
Секое ваше дете има некој талент и тоа треба да го забележите. Пофалете го секое дете за неговата дарба. Кога секое дете ќе добие пофалба и се чувствува гордо бидејќи и вие сте горди на него, помалку ќе чувствува потреба да се трка т.е. да се бори со браќата и сестрите.
Јакнете го чувството на заедништво
Пофалете го солидарниот однос кај децата, учете ги да делат и разјаснете ја сопственоста над некои играчки, на некои нешта, децата да учат да ја почитуваат туѓата сопственост и да уживаат во радостите на споделувањето.
Раздвојувајте ги активностите
Не ги присилувајте децата да имаат заеднички работи. Разделете го просторот и играчките. Секое дете нека добие свој дел од просторот и право на одлучување за него. Ако другото дете сака некој предмет од братот или сестрата, мора за тоа прво да праша, инаку не смее да го земе. Многу расправии почнуваат затоа што децата во ист момент сакаат иста играчка. Кога се знае што е чие, децата учат да делат, да позајмуваат и да се смируваат.
Дозволено е да се биде сам
Не ги присилувајте децата да мора да поминуваат време заедно. Детето мора да има можност да се повлече, кога на пример, не сака повеќе да игра. Кога сака да биде само, другите деца тоа треба да го почитуваат.
Внимавајте на културата на расправањата
Разговарајте со децата за начините како можеме да се ослободиме од гневот, а да не се повредиме самите или другите или да уништуваме предмети. Децата не смеат меѓусебно да се провоцираат.
Покажете ги последиците и бидете доследни
Деца кои постојано се расправаат треба да знаат дека поради тоа ќе сносат одредени последици. Објаснете на детето на кои последици може да смета и држете се до тоа. Размислете кои казни би биле примерни бидејќи ако се препуштите на лутината и во тој момент реагирате спонтано, може неправедно да одлучите или да бидете престроги.
Пријатели
Дружењето со други деца ги јакне социјалните компетенции кај вашето дете. Детето во друштво на врсници може да искуси уважување и да доживее поинакви искуства што му помага и во односот со браќата и сестрите.
Преиспитајте го својот однос
Имате ли миленик меѓу децата? Кога последен пат на детето сте му кажале дека го сакате? Се занимавате ли повеќе со едно дете поради што другите деца се чувствуваат запоставени? Сето тоа може да биде причина за постојани расправии меѓу децата. Обидете се со секое дете да поминете одредено време. Тоа ќе му даде чувство дека е важно и вредно и ќе ја намали зависта кон другите деца.
Штедете ги своите нерви
Расправиите меѓу браќа и сестри се составен дел од животот на едно семејство. Затоа обидете се да останете смирени и размислете како да го задржите мирот и нервите во време кога расправиите ескалираат. Не мора секогаш веднаш да притрчувате. Понекогаш добро е децата да научат своите конфликти да ги решаваат сами.
Помош од експерти
Ако постојаните расправии влијаат на животот на семејството и секојдневно ја нарушуваат нормалната атмосфера, па никој не може да се смири, или забележувате дека кај детето веќе неколку месеци се јавуваат напади на гнев, стравови, воинствено е и непријателски расположено, физички агресивно или постојано има негативни чувства насочени кон сестрата или братот, секако побарајте совет од експерти.