Ракометарките на македонскиот шампион Вардар СЦБТ од вчера се наоѓаат во Будимпешта каде ќе бидат дел од првиот „фајнл фор“ во Лигата на шампиони.
Во полуфиналето в сабота (17:30 часот) избраничките на Индира Кастратовиќ ќе играат против првакот на Црна Гора, Будуќност.
Во второто полуфинале ќе играат актуелниот првак Ѓер (Унгарија) и Митјиланд (Данска). Од сите екипи учеснички на „Ф4“ вардарки одиграа најмногу натпревари бидејќи сезоната ја почнаа од квалификациите.
Во редовите на Вардар СЦБТ Французинката Алисон Пино денеска го слави 25.роденден.
– Ова е голем успех да се биде дел од завршниот турнир, кој првпат се одржува. Се надевам дека сме подготвени. За дуелот со Будуќност шансите се 50:50, бидејќи добро се познаваме двете екипи, изјави Пино.
Ракометарките на Вардар вчера одработеа еден тренинг во Будимпешта, а еден е предвиден и за денеска.
Од четирите екипи учеснички европски титули имаат Ѓер (2013) и Будуќност (2012), додека дански Митјиланд и Вардар се дебитанти во полуфиналето.
Во историјата на ова натпреварување во 2002 година титулата европски шампион ја освоија ракометарките на Кометал Ѓорче Петров, кои и во уште два наврата играа во финалето (2000 и 2005).